Еурофарм Пелистер 2 ја одработи својата задача – сега чека услуга од Тиквеш

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 ја одработи својата задача и ја совлада екипата на Струга со 39-23, па сега ќе чека услуга од екипата на Тиквеш за пласман во плеј-офот.

Младите пелистерци сега имаат 21 бод, го преземаа шестото место, но Бутел Скопје допрва ќе игра со Тиквеш и со победа на тој меч, ќе биде петти на табелата, а зад себе ќе ги остави кавадарчани.

Избраниците на Александар Зарков уште по првиот дел водеа со 17-11 и го најавија победникот, а второто полувреме беше само формално одработување на задачата.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Петар Маркоски, кој постигна 13 гола против матичниот клуб, како и Ненад Белистојаноски и Христијан Митревски со по седум погодоци. Голманот Мартин Јовановски имаше важна улога со десет одбрани.

Кај Струга се истакнаа Наум Костов со девет и дарио Симоноски со четири погодоци.