Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје одиграа реми, 24-24, во натпревар од 16 коло во Супер машката лига во Битола, кој беше драматичен и неизвесен до самиот крај.
Гостите водеа со плус три, 24-21, на четири минути до крајот, но не успеаја да погодат повторно, дозволија домашните да бидат прецизни трипати по ред и на крајот двете страни мораа да се задоволат со по еден бод. Сега на табелата Бутел Скопје и Тиквеш се на делба на петтото место со по 16 бодови, додека Еурофарм Пелистер 2 има 15 на седмото, а Прилеп 14 на осмото место. Составот на Пролет со 12 бодови исто така ги задржува шанса за плеј-оф.
Бутелци отворија со водство од 2-0, но домашните набрзина се вратија во егал. Голманот на гостите, Трајкоски, бранеше одлично во овие моменти, Бутел Скопје пак отиде на плус два, а пропушти прилика и за повисока предност. На паузата домашните имаа гол предност, 11-10, а на стартот на вториот дел и плус два, 15-13. Сепак момците на Горан Кузманоски не се предаваа, за три минути ја анулираа негативата со три гола по ред и го преземаа водството.
Потоа се играше гол за гол, имаше многу удари од седум метри, а сигурни реализатори од линијата беа Мохамед Азиз и Филип Николов, па во последните десетина минути се влезе со реми, 20-20. Домашните имаа шанса за предност при 21-21, но искусниот Ѓеоргиевски најпрво им пресече акција и сам погоди во контра, а потоа и Трајкоски одбрани шут од крило а Тодор Узунчев беше прецизен за плус два на Бутел.
По тајм-аутот на домаќините одново следуваше грешка и казна па гостите отидоа и на 24-21. Шулески изработи одлична акција, потоа и Митревски беше прецизен од далечина за 24-23 и многу возбудувања во последните две минути. Кузманоски викна тајм-аут, но неговите момци не погодија, и потоа одново Митревски даде гол за реми, 24-24. Бутелци тргнаа во последен напад, битолчани одиграа добра одбрана во завршните секунди и мечот заврши без победник.
Голманот Благојче Трајкоски запишаа 11 одбрани, а осум гола за Бутел даде Тодор Узунчев. Во домашниот состав девет гола имаше Мохамед Азиз, додека шест пати стрелаше Петар Маркоски. Следен предизвик за Бутел Скопје ќе биде градскиот двобој со Пролет, додека младите пелистерци ги очекува гостување кај Тиквеш во Кавадарци.

























