Тимот на Еурофарм Пелистер 2 оствари гостинска победа над Скопје со 33-26 и со новите бодови се врати во игра за место во плеј-офот. Битолчани иако ослабени без двајца репрезентативци (Ристевски и Димовски) како и без Маркоски одиграа добар натпревар во кој имаше три црвени картони поради остри стартови над ривалите.
На стартот на вториот дел беше исклучен Ненад Белистојаноски од гостинската екипа, а директен црвен картон доби и Бојан Чакалиќ од домашниот тим на петнаесетина минути до крајот. Гостите во последните пет играа и без Дејан Југовски кој исто така доби директен црвен картон. Тоа не беше пречка за нив по нерешениот резултат на стартот на вториот дел, полека да го градат водството. Скопјани не се откажуваа од борба, но немаа доволно сили за некаков камбек во игра за бодови.
Еурофарм Пелистер 2 сега има 9 бода на шестото место, а пред битолчани се Струга и Аеродром со по 12, па ќе биде интересно во продолжение од сезоната и борбата за плеј-оф.
Избраниците на Петрoвски имаа старт како што можеше да се посака, во воведниот дел веќе се одлепија на 7:1, a домашниот тим вториот гол на дуелот го постигна кон средината на првиот дел, односно во 13 минута. Младите пелистерви предводени од левиот бек, црногорскиот интернационалец Мијушковиќ, кој првиот дел го заврши со шест погодоци, имаа 8:2 во 15 минута.
По фуриозниот налет на гостите, домашниот тим за момент заигра поангажирано, направи серија од 3:0 и намали на 8:5. Како одминуваше времето, избраниците на Димитриоски ја топеа предноста и во 20 минута се доближија на минус два, 10:8. До крајот на полувремето гостите водеа, во еден момент домашниот тим се закани, намали на минус еден, 13:12, а по 30 минути игра резултатот беше 14:13 во корист за битолчани.
На стартот на вториот дел беше 15-15, пред битолчани да останат без десното крило Белистојаноски, кој доби црвен картон поради остар фаул во 33 минута. Тоа не го наруши ритамот на гостите, кои прво поведоа со 17-15, потоа и со 22-18 и до крајот не го испуштија водството, иако домашните парираа на моменти.
Во победничкиот тим најдобар стрелец беше Стефан Талевски со седум голови, а по шест дадоа Христијан Митревски и Богдан Мијушковиќ, додека во редовите на Скопје се истакна Мишевски со осум погодоци.