На едно коло пред крајот на регуларниот дел на Првата лига, познати се сите десет патници во плеј-оф фазата.
Од групата А, во плеј-офот ќе играат екипите на Еурофарм Пелистер 2, „витамините“ од Автокоманда, Металург РА, Овче Поле и Јехона.
Вториот тим на македонскиот шампион е единствениот кој во досегашниот тек од сезоната има 100% ефект – 14 победи од 14 натпревари.
Во плеј-аутот од оваа група ќе играат три екипи – Кичево, Аеродром и Астраион од Струмица.
Од групата Б, во плеј-офот патуваат Македонија ЃП, Младост Богданци, Драчево, Вардар Неготино и Скопје, додека Шампион, Партизан, Текстилец и Преспа Вардар ќе настапуваат во плеј-аут фазата.
Како што е познато, во плеј-офот ќе се пренесуваат бодовите од натпреварите со екипите од истата група што се пласирале во разигрувањето за суперлигашкото друштво, а дополнително ќе одиграат уште десет меча со ривалите од другата група.
Плеј-офот треба да заврши на 31 мај, по што ќе биде познат патникот за Супер лигата, а баражот ќе се одигра на 7/8 јуни.