Полскиот шампион Висла Плоцк ја продолжи серијата без пораз и славеше во големото дерби над вечниот ривал Келце со 32-31 по ударите од седум метри. Во Полска, мечот мора да има победник, па по ремито во регуларниот дел, 28-28, се изведуваа пенали, во кои домашните беа подобри во „Орлен Арена“.
Натпреварот оправда сè што значи полско дерби, борба, исклучувања, пресврти и драма до последната секунда. Првото полувреме донесе жесток ритам и постојана смена на водството. Голманот на домаќините, Торбјорн Бергеруд, уште од стартот најави дека ќе има свој ден, а на спротивната страна одговори расположениот Алекс Влах. На пауза се замина со 13-13, резултат што најдобро ја отсликуваше рамнотежата на теренот.
Во вториот дел темпото не падна. Келце во неколку наврати се обидуваше да се одлепи, но Висла секогаш имаше одговор. Најрасположен кај домаќините беше Мелвин Ричардсон со девет погодоци, додека кај гостите блескаше Пјотр Јарошевич со осум гола.
Во финишот, Ричардсон од линијата од седум метри донесе израмнување, 28-28 по 60 минути, па победникот мораше да се решава преку пенали.
Во серијата седмерци, Висла покажа шампионска зрелост, а Бергеруд уште еднаш беше клучната фигура меѓу стативите. Со неколку феноменални интервенции, норвешкиот чувар на мрежата ја одведе својата екипа до победа од 4-3 во пенал-рулетот.
Имаше пет црвени картони на мечот, што веќе не е новост кога се игра „светата војна“ во Полска. На трибини предвреме се преселија Олејничак, Самоила, Каралек, Монар, Крајевски и Македа. Со овој триумф, Висла Плоцк ја продолжи серијата без пораз на пет меча против Келце, додека тимот на Талант Душебаев има само две победи на последните 12 средби.


























