Женската репрезентација на Македонија влегува во последното коло од квалификациите за Европското првенство 2026 со реални шанси за пласман, но и со сценарио во кое секој гол може да биде пресуден.
Македонија речиси сигурно ќе заврши на третото место во групата (освен ако Белгија не приреди светско чудо и победи кај Германија, а Македонија загуби кај Словенија), што значи дека судбината ќе се решава преку рангирањето на третопласираните селекции, каде пласман обезбедуваат најдобрите четири од шесте групи. Во ранкингот на третопласираните селекции се сметаат само резултатите со прво и второпласираните од групата.
Во моментов, македонските ракометарки се на границата, а клучни ќе бидат не само нивниот резултат, туку и настапите на директните конкуренти како Украина, Грција, Финска и Италија.
Победа или реми кај Словенија носат сигурен пласман, додека и пораз може да биде доволен, но само ако резултатите од другите натпревари одат во корист на Македонија, односно Финска и Италија загубат на гостинските дуели кај Франција и Швајцарија, што е реално за очекување.
Доколку не дојде до некое големо изненадување на последните средби, конечната одлука може да падне на гол-разликата, што значи дека буквално секој погодок ќе има огромна тежина. Европското првенство е на дофат – но патот до него води низ вистинска ракометна драма. Ако Македонија обезбеди место на ЕП 2026, тоа ќе биде трето учество по ред на континенталниот собир по оние во 2022 и 2024.
Моментален ранкинг на третопласирани селекции:
1. Португалија/Исланд 2 бода
2. Грција 0 (-29) и натпревар на гости со Австрија
3. Украина 0 (-30) и натпревар на гости со Србија
4. Македонија 0 (-32) и натпревар на гости со Словенија
5. Финска 0 (-39) и натпревар на гости со Франција
6. Италија 0 (-50) и натпревар на гости со Швајцарија
ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: На Велигден се решава евро-судбината на Македонија









