Некогашниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, Раул Гонзалес, официјално е нов селектор на Србија.
Иако Ракометниот Сојуз тоа го нема се уште објавено на својот веб-сајт, сепак генералниот секретар Иван Миливојевиќ, го потврди во интервју за РТС.
„Договорот со Раул Гонзалес е потпишан откако е одигран натпреварот против Италија. Тој стапува на сила на 1 јули 2025 година, од моментот кога Раул нема да има договорни обврски со ПСЖ. Вакуумот кој го имаме до моментот кога тој ќе ја преземе репрезентацијата ќе го искористиме за да ја решиме ситуацијата со актуелниот селектор Борис Ројевиќ и да најдеме преодно решение за преостанатите натпревари од квалификациите за ЕП. Пред Раул е поставена јасна цел – пласман на Олимписките игри во 2028 година“, изјави Миливојевиќ за РТС.
Во меѓувреме Србите ќе мораат да го раскинат договорот со актуелниот предводник Борис Ројевиќ, кој има договор до 2028 година, но и да најдат преодно решение за последните четири меча од квалификациите за ЕП 2026.
Ова ќе биде камбек за Раул Гонзалес на Балканот по седум години, а тоа што договорот со Србите стапува на сила на 1 јули 2025, значи дека нема да ја продолжи соработката со ПСЖ и францускиот првак ќе бара нов тренер.