Поранешната бразилска репрезентативна голманка Маиса Песоа, и поранешна голманка на ЖРК Вардар, жестоко проговори за влијанието на ракометната суперѕвезда Кристина Неагу врз романскиот гигант ЧСМ Букурешт.
Песоа бранеше во Букурешт од 2014 до 2016 година и ја освои Лигата на шампионите во 2016. Неaгу пристигна една година подоцна, во 2017, и ја заврши кариерата во летото 2025 година.
Иако ја нарече „една од најдобрите ракометарки во историјата“, Песоа смета дека Неагу негативно влијаела врз функционирањето на клубот.
„За мене, Неагу е една од најголемите ракометарки што некогаш играле – нема дилеми. Индивидуално е фантастична. Но таа не беше тимски играч. Сите го знаеја тоа. Не му донесе корист на Букурешт во тимски аспект. И не зборувам само за заминувањето на Изабел Гулден, во Букурешт секогаш беше така како што сака Неагу. Тоа е голем проблем за еден клуб. Не смее да се случи сѐ да се врти околу еден играч“, вели Песоа.
Песоа додава дека проблемот не е само во Букурешт, туку и во пошироката ракометна култура во Романија.
„Во Романија ракометот се игра како индивидуален спорт, а не како тимски. Некои играчи земаат огромни плати, а третманот кон играчите не е ист. Тоа создава лоша атмосфера и неправилна поставеност“, заврши Песоа.
Нејзината изјава повторно го отвори прашањето за статусот на ѕвездите во романскиот ракомет, како и за лошите резултати и неуспесите на ЧСМ Букурешт во последните неколку сезони во Лигата на шампионите.
Сепак без Неагу, а сега со Бојана Поповиќ на клупата, ЧСМ Букурешт заигра многу подобро во финишот на групната фаза од ЛШ и обезбеди место во четвртфиналето.


























