Левото крило на норвешката репрезентација, Камила Херем, го напушти репрезентативниот камп и се врати дома поради смртта на нејзиното куче.
Селекторот на Норвешка, Торир Хергеирсон, и дал дозвола на некогашната вардарка да се врати дома, со оглед на тоа што првенството се одржува во нивната земја.
„Таа замина дома кај нејзините, бидејќи го загубија нивното куче, кое беше долго време како член на семејството. Таа сакаше да биде со сопругот и децата кога ќе се разбудат“, изјави Хергеирсон.
Херем беше една од најдобрите стрелци на првиот меч со Гренланд во редовите на светскиот шампион, а веројатно ќе стигне да му се приклучи на тимот и за вечерашната пресметка со Австрија.
„Камила тешко ја поднесе оваа ситуација, но верувам дека ќе се врати уште посилна до крајот на првенство“, изјави нејзиниот сопруг Стефан Стегавик за норвешката ТВ2.
Покрај Гренланд и Австрија, Норвешка во групната фаза на Мундијалот ќе игра уште и против Јужна Кореја.