Екс репрезентативец на Шпанија ја презема клупата на Татабања

Унгарскиот суперлигаш Татабања денеска преку социјалните мрежи го објави наследникот на поранешниот селектор на Македонија и екс тренер на Вардар, Драган Ѓукиќ, кој со раководството на клубот се договори за прекин на соработката, која требаше да трае уште две сезони.

Кормилото на Татабања ќе го преземе поранешниот репрезентативец на Шпанија, Кристијан Угалде. Тој првично требаше да одигра уште една сезона во дресот на Татабања, па потоа да влезе во тренерските води, но реши предвреме да ја заврши богатата кариера.

Угалде на клупско ниво, освен за Татабања, настапуваше и за АЕК Атина, Веспрем, Хановер и каталонгскиот гигант Барселона. Со тимот на Барселона освои две титули во Лигата на шампионите, сезона 2004/05 и сезона 2010/11.

Татабања сезоната во домашниот шампионат ја заврши на 3. позиција и повторно избори пласман на европска сцена, односно во Лигата на Европа. Вкупно осум играчи го напуштија клубот, меѓу нив ѐ и екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Јосип Периќ.

Играњето на европска сцена ќе биде дополнителен предизвик за Шпанецот. Во следниот период треба да се потврди играчкиот ростер на Татабања, а најверојатно во клубот ќе има уште неколку засилувања.