Екс пелистерец „удри“ по ЕХФ: Ова не е хумано!

На Европското првенство нема многу слободни денови, а веќе утре почнуваат дуелите од главната рунда од групата 2 во Малме, иако вчера завршија со групната фаза.

Сепак, распоредот на натпревари е густ, ќе се игра на 23 јануари (петок), 25 јануари (недела), а потоа и на 27 и 28 јануари (вторник и среда).

На ваквиот напорен ритам се осврна хрватскиот репрезентативец и екс член на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш, кој јавно ја критикуваше Европската ракометна федерација.

„ЕХФ стави четири натпревари во шест дена во вториот круг. Тоа не е хумано“, изјави Мараш во разговор за РТЛ.

Со неговиот став сигурно ќе се согласат и останатите учесници на Европското првенство, бидејќи ваквиот ритам на играње претставува огромен физички и психички напор за ракометарите и сериозен ризик за нивното здравје. Селекциите од групата 1 во Хернинг во главната рунда, ќе имаат ден повеќе за одмор пред решавачките средби.