Светската ракометна федерација и компанијата Молтен ја промовираа топката за 27. Светско првенство, кое ќе се одржи од 26 ноември до 14 декември во Германија и Холандија.
Ова ќе биде третпат во историјата 32 селекции да се борат за светската титула, што уште еднаш ја потврдува глобалната експанзија.
„Новиот модел H2A5000 е развиен врз основа на познатиот модел A5000, кој веќе се смета за стандард на сите меѓународни натпреварувања под капата на ИХФ. Површината на топката е украсена со динамични графики во форма на звучни бранови, кои симболично ги претставуваат возбудата, скандирањата и радоста што ја создаваат трибините. Покрај уникатниот изглед, топката нуди и врвни технички карактеристики. Изработена е од кожа со мека, текстурирана површина што овозможува совршен стисок и подобрена контрола, што пак резултира со побрза и подинамична игра. Како ИХФ сертифициран модел, таа гарантира издржливост, стабилен отскок и конзистентност на највисоко ниво. Во согласност со еколошките принципи, Молтен ја оптимизираше својата производствена постапка, заменувајќи дел од синтетичките материјали со природни и намалувајќи ја употребата на мастило при печатење, со што се постигна 15% намалување на емисијата на јаглерод диоксид“, се вели во објавата на светската куќа на ракометот.
Светското првенство 2025 ќе се одржи во пет градови – Ротердам и Хертогенбош во Холандија, како и Трир, Штутгарт и Дортмунд во Германија. Завршниот викенд и финалето ќе се играат во „Ахој Арена“ во Ротердам.

























