ЕХФ воведува новост – „судиските камери“ ќе дебитираат на ЕП!

На денот кога ќе се решава кои селекции ќе се пласираат во полуфиналето на Европското првенство, ЕХФ објави вест што ќе ги израдува сите љубители на овој спорт и сите оние што внимателно го следат актуелниот континентален собир.

Европската ракометна федерација се одлучи за потег што сигурно ќе биде поздравен од јавноста.

ЕХФ воведува RefCam, камери што ќе ги носат судиите. Камерите ќе бидат монтирани на главата и на гледачите ќе им овозможат увид во перспективата од која судиите ја следат играта.

Како што наведуваат од ЕХФ, целта е на навивачите да им се понуди подлабоко разбирање за тоа како судиите го водат натпреварот, како комуницираат и како меѓусебно соработуваат. Од Федерацијата се уверени дека на овој начин продукцијата на содржините поврзани со ЕП ќе се подигне на повисоко ниво.

RefCam е развиена од германска компанија, а за првпат ќе биде користена за време на полуфиналните натпревари во Хернинг, во петок на 31 јануари.

Камерата, која тежи само 150 грама, е лесна и стабилна, и не го попречува движењето или комуникацијата на судиите. Освен во пренос во живо, снимките ќе се користат и во едукативни и аналитички цели – за подобро разбирање на судиските одлуки и комуникацијата на теренот.