ЕХФ потврди: Македонија од втор шешир тргнува кон Европското првенство во 2028 година!

Машката репрезентација на Македонија го заврши ЕП 2026 на 14 место, го дозна можниот ривал во баражот за СП 2027 во Германија, а на 29 март ќе ги дознае противниците во квалификациите за ЕП 2028 во Шпанија, Швајцарија и Португалија.

Во квалификациите ќе играат 32 селекции поделени во осум групи по четири, а на континенталниот собир ќе играат 24 селекции, меѓу кои трите домаќини и европскиот првак Данска се веќе пласирани, па преку квалификациите место на континенталниот собир ќе обезбедат 20 репрезентации. Квалификациите стартуваат во октомври годинава, а вториот и третиот циклус ќе се играат во март и мај 2027 година. Билет за ЕП ќе обезбедат прво и второпласираните од осумте групи, како и најдобрите четири третопласирани селекции.

Македонија според рејтингот и остварениот пласман на ЕП 2026, ќе биде во вториот шешир пред ждрепката.

Во првиот шешир ќе бидат Германија, Хрватска, Исланд, Шведска, Франција, Норвешка, Унгарија и Словенија. Покрај Македонија во вториот шешир се Австрија, Холандија, Фарски Острови, Србија, Полска, Чешка и Италија.

Во третиот шешир ќе се најдат Литванија, Босна и Херцеговина, Белгија, Грција, Украина, Романија, Грузија и Црна Гора, додека во последниот шешир ќе бидат Естонија, Летонија, Турција, Косово, Луксембург, Израел, Финска и Словачка.

EП ќе се игра во Швајцарија, Шпанија и Португалија во четири града – Цирих, Лисабон, Мадрид и Валенсија од 13 до 30 јануари 2028 година. Се очекува отворањето и првиот меч да бидат на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид пред повеќе од 80.000 гледачи, па да биде срушен рекордот од ЕП 2024 во Германија.