Извршниот комитет на Европската ракометна федерација (EHF) на состанокот во Виена во вторник одлучи да спроведе промени во двете најсилни машки клупски натпреварувања под своја капа. EHF Лигата на шампионите ќе се прошири на 24 тима, додека EHF Европската лига ќе брои 32 екипи, и тоа започнувајќи веднаш со групна фаза.
„Реформата на Лигата на шампионите и Европската лига е резултат на длабок процес на анализа и дискусија во изминатите месеци, во кој беа вклучени клучните чинители во европскиот ракомет – клубовите, лигите и федерациите, изјави претседателот на EHF, Михаел Видерер.
Новите формати ќе бидат воведени со почеток од сезоната 2026/27, при што меѓународниот календар ќе остане усогласен – бројот на натпревари во Лигата на шампионите нема да се менува, а координацијата со клубовите и медиумските партнери ќе продолжи.
Реформи во евро-куповите: Се воведува четврто натпреварување, нов формат во ЛШ и ЛЕ…
Нов формат на Лигата на шампионите
Новиот систем ќе има шест групи со по четири тима.
- Првите две екипи од секоја група ќе обезбедат место во главната фаза,
- додека третопласираните и четвртопласираните ќе продолжат во Европската лига.
Дванаесетте тима што ќе се пласираат во главната фаза ќе бидат поделени во две групи со по шест екипи, кои ќе играат двојно коло – дома и на гости.
Првите четири тима од секоја група ќе обезбедат место во четвртфиналето, а победниците од тие дуели ќе патуваат на Ф4 во Келн.
Двете петтопласирани екипи од главната фаза ќе се преселат во осминафиналето на Европската лига.
Нов формат на Европската лига
Новата Европска лига ќе почнува директно со 32 тима поделени во осум групи по четири екипи, без квалификации.
Првите две екипи од секоја група ќе одат во плејоф-фаза – елиминациски натпревари со дома и гости.
Во плејофот ќе им се придружат 12 екипи од Лигата на шампионите (оние што завршиле на 3. и 4. место во своите групи).
Победниците од тие дуели (вкупно 14 тима), заедно со двете петтопласирани од главната фаза на ЛШ, ќе го сочинуваат топ 16 на Европската лига, која потоа продолжува до финалниот викенд.
Финалниот распоред во декември
Дистрибуцијата на местата за двете натпреварувања, како и дополнителните детали, ќе бидат разгледани и потврдени од страна на EHF Извршниот комитет во декември.
Тогаш ќе биде објавен и планот за реформа на женските клупски натпреварувања, која ќе стартува со сезоната 2027/28.