Европската ракометна федерација официјално реагираше на критиките поврзани со распоредот на натпреварите на Европско првенство 2026 и објави соопштение во кое најавува промени за идните континентални шампионати.
Од ЕХФ информираат дека распоредите за претстојните Европски првенства ќе бидат прилагодени со цел да се намали оптоварувањето на играчите и да се обезбеди подобар баланс меѓу деновите за одмор и патување за сите учесници.
„Важно е да се напомене дека ваквите распореди секогаш се подготвуваат многу однапред, во соработка меѓу организаторите и ЕХФ. Распореди со двојни натпреварувачки денови постоеја и на претходни првенства. Исто така, можностите за прилагодување на идните ЕП зависат од фазата на организациските процедури“, стои во соопштението.
ЕХФ прецизира и конкретни промени за идните шампионати:
- за женското Европско првенство 2026, кое ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција (3–20 декември 2026), распоредот ќе обезбеди јасна поделба меѓу деновите за патување и деновите за одмор.
- за машкото Европско првенство 2028 во Шпанија, Португалија и Швајцарија (13–30 јануари 2028) нема да има последователни натпреварувачки денови, односно нема да се играат два натпревари во два дена. Деновите за патување и одмор ќе бидат одвоени.
- за женското Европско првенство 2028 во Норвешка, Данска и Шведска, како и за сите идни Европски првенства од 2030 година па натаму, ЕХФ води разговори со организаторите за воведување четвртфинална фаза.
- доколку се воведе четвртфинале, максималниот број натпревари ќе остане ист (девет), но ќе се гарантира најмалку еден ден одмор меѓу секој натпревар, како и раздвојување на деновите за патување.
Со ова соопштение, ЕХФ индиректно признава дека сегашниот систем создава проблеми, но најавува дека во иднина ќе се оди кон похуман и поправеден натпреварувачки распоред.
За Македонија, особено за машката селекција, воведувањето на четвртфинална фаза е шанса плус за чекор напред во резултатите. Да се играше сега по новиот систем, Македонија ќе беше дел од главната рунда и во Хернинг.
Се менува системот на ЕП, поголеми шанси за Македонија – еве како ќе се игра!
























