Ново ракометно натпреварување „Европски ракометни игри“ ќе им обезбедува место на најдобрите репрезентации на Олимписките игри
Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално потврди дека од 2030 година ќе започне со ново големо репрезентативно натпреварување под името „Европски ракометни игри“ на кое ќе настапуваат осумте најдобри машки и осумте најдобри женски национални селекции на Стариот континент.
Ова ново престижно натпреварување ќе се игра наизменично за машките и женските селекции во рамки на една „национална недела“, слично како форматот на Олимписките игри.
Најголемата награда ќе биде директниот пласман на победникот на Олимписките игри, бидејќи ЕХФ планира европското фиксно место за Олимпијадата да се доделува преку ова натпреварување.
Одлуката за воведување на „Европските ракометни игри“ е дел од поширокиот план на федерацијата за унапредување на вредноста, квалитетот и медиумската видливост на европскиот ракомет.
„Олимписките игри во 2028 година во Лос Анџелес и во 2032 година во Бризбејн ќе се одржат надвор од Европа. Со воведувањето на ‘Европските ракометни игри’, гарантираме дека во Европа ќе се игра ракомет на олимписко ниво во овој циклус – а европското место за Олимпијадата ќе биде најголемата награда,“ изјави Видерер.
Новиот турнир ќе се одржува на секои четири години, најверојатно во септември, како дел од официјален прозорец за национални тимови.
ЕХФ веќе започна координација со сите засегнати страни – федерации, клубови, лиги и играчи – за да се утврди точниот формат и календар, а првичните состаноци се одржаа оваа недела во Виена.
Воведувањето на „Европските ракометни игри“ оди рака под рака со редизајнот на европскиот квалификациски систем за Светското првенство, кој се спроведува под капата на ЕХФF, како и кај другите континентални федерации.
Деталите за новиот систем беа презентирани на состаноците во Виена и ќе бидат дополнително разработени и официјално објавени по состанокот на ЕХФ Извршниот комитет во декември годинава.