ЕХФ ќе го слуша „гласот на играчите“ кога ќе носи важни одлуки!

Европската ракометна федерација најави важен чекор кон поголема вклученост на самите ракометари во процесите на донесување одлуки – формирање на Совет на играчи. Оваа иницијатива ќе биде една од темите на седницата на Извршниот комитет на ЕХФ и има за цел да ја подобри комуникацијата меѓу институциите и активните играчи.

Претседателот Михаел Видерер објасни дека досегашната соработка главно се одвивала преку синдикатот на играчи, но дека нивната застапеност не е јасна во сите земји. Додека во некои држави синдикатите ги опфаќаат речиси сите играчи, во други тие или не постојат, или немаат вистинско влијание.

Со новиот Совет на играчи, ЕХФ планира директно да ги вклучи ракометарите и ракометарките во структурите на одлучување. Советот ќе има свои претставници и во Професионалниот ракометен одбор и во Женскиот ракометен одбор, што ќе овозможи ставовите на играчите да бидат слушнати на највисоко ниво.

Целта на оваа иницијатива е двонасочна – подобро застапување на интересите на играчите, но и поефикасно пренесување на информации од федерацијата до оние што се директно на теренот. Според Видерер, токму ова недостасувало досега, а новиот модел треба да донесе поголема транспарентност, доверба и чувство на вклученост во креирањето на иднината на европскиот ракомет.

Во текот на ЕП многу ракометари го критикуваа системот на натпреварување сметајќи дека има многу натпревари и дека не се води грижа за здравјето на ракометарите.