Се бара модел за настап по одлуката за повторно вклучување во натпреварувањата
Меѓународна ракометна федерација и Европска ракометна федерација донеле одлука да им дозволат на младинските и кадетските репрезентации на Русија повторно да настапуваат на меѓународни натпреварувања, но во моментов се работи на модел како таа одлука да се спроведе во пракса.
Ова го потврди претседателот на Ракометна федерација на Русија, Сергеј Шишкарев, во изјава за РИА Новости.
„Има новости. Не сакавме да избрзуваме, но според нашите информации одлуката е донесена. Сега треба технички да се формализира и да се реши како ќе настапуваат селекциите, бидејќи многу земји одбиваат да ни бидат домаќини. Во моментов меѓународната и европската федерација се обидуваат да најдат формула. Но, суштински, одлуката е донесена – младинските и кадетските селекции треба да играат“, изјави Шишкарев.
Руските и белоруските репрезентации и клубови беа суспендирани од меѓународните натпреварувања во март 2022 година, по почетокот на специјалната воена операција во Украина.
Засега оваа одлука важи само за оние во младинските категории, додека се уште не е познато кога ќе се вратат репрензентациите во сениорска конкуренција.
Дополнителен импулс за можната промена даде и Меѓународен олимписки комитет, кој на 11 декември препорача да се укинат ограничувањата за настап на руски и белоруски спортисти во младинските спортски натпреварувања. Сега останува ЕХФ и ИХФ да пронајдат конкретен модел според кој младите селекции повторно би се вклучиле во европските и светските турнири.


























