Европската ракометна федерација објави неофицијален ранкинг на екипи кои се очекува да бидат едни од главните фаворити за титулата во Лигата на Европа.
Тимот на Вардар е дел од групата Ф заедно со Порто (Португалија), Мелсунген (Германија) и Валур (Исланд), а во ТОП 10 рејтингот каде што доминираат германските клубови, се наоѓаат и два ривали на „црвено-црните“.
Мелсунген на Роберто Парондо, каде што играат двајцата екс вардарци, Рожерио Мораеш и Даинис Кристопанс е меѓу најдобрите четири екипи и ќе игра на Ф4 турнирот според ЕХФ.
Португалскиот Порто се наоѓа на шестата позиција, а тоа значи дека овие две екипи ќе се пласираат во главната рунда според ЕХФ, потоа ќе се пласираат во четвртфиналето, додека евро-сезоната за Вардар ќе заврши во декември.
„Црвено-црните“ многупати досега ги демантирале експертите во ЕХФ кога се работи за ваквите рејтинзи, а и овој сега би требало да биде уште поголема мотивација за вардарци да покажат дека имаат квалитет.
Лига на Европа, ТОП 10 рејтинг на ЕХФ:
1. Фленсбург (Германија)
2. Кил (Германија)
3. Монпелје (Франција)
4. Мелсунген (Германија)
5. ГОГ Гудме (Данска)
6. Порто (Португалија)
7. Нексе Нашице (Хрватска)
8. Гумерсбах (Германија)
9. Силкеборг (Данска)
10. Тулуз (Франција)
Првиот меч играчите предводени од тренерот Владо Недановски ќе го имаат на домашен терен против Валур, утре од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.