ЕХФ ги прогласи најдобрите млади ракометар(к)и – лауреати се Кошта и Симон

Европската ракометна федерација ги објави носителите на признанијата за најдобар млад ракометар и најдобра млада ракометарка за сезоната 2023/24.

Тоа се португалскиот репрезентативец Мартим Кошта и унгарската репрезентативка Петра Симон, кои ќе ги добијат признанијата на гала вечер на 14 декември во Виена.

Тие се наследници на минатогодишните добитници на овие признанија – Французинката Паулета Фопа и Словенецот Домен Макуц.

Унгарката Симон е членка на Ференцварош од 2022 година и игра во Лигата на шампионите. Ја предводеше младинската селекција на Унгарија до трофеј на младинското ЕП 2023 и таму беше МВП, а сега е селектирана и за настап на сениорското ЕП 2024.

Португалецот Кошта на 21 година, заедно со Матијас Гидсел, беше на врвот на стрелците на ЕП 2024 во Германија. Постигна 54 гола и промаши само 12 пати за текот на целото ЕП. На клупски план, има клучна улога во титулата на Спортинг Лисабон и игра одлично и во новата сезона во ЛШ.