Напаѓачот на Манчестер Сити и норвешката репрезентација, Ерлинг Халанд, откри дека пред да стане професионален фудбалер, имал можност да се занимава со ракомет.
Тој имал средба со најтрофејниот стратег во женскиот ракомет, Торир Хергеирсон, кој го советувал да продолжи да тренира ракомет.
„Своевремено, додека бев дете, Торир ми кажа дека сака да се посветам на ракомет. Тој сметаше дека можам да бидам одличен ракометар. Најверојатно, ќе играв добар ракомет, но и во фудбалот се покажа дека направив одличен избор“, изјави Халанд за „НРК“.
Хергеирсон, кој ја водеше Норвешка до ново европско злато и си замина од селекторската функција, ги потврди зборовите на Халанд.
„Не се сеќавам точно што кажав тогаш, но Ерлинг ќе беше одличен ракометар. Тој беше стрелец и на ракометните терени, му се допаѓаше да дава голови уште во детството. Неговата брзина и чувството за гол се неверојатни. Но во ракометот според неговите предиспозиции, тој би можел да игра само на крилните позиции“, раскажа Хергеирсон за „НРК“.
Харланд ја започна фудбалската кариера во Брине, играше и за Молде во татковината, додека во 2019 година се пресели во австрискиот Салцбург. Беше дел и од Борусија Дортмунд две сезони, пред во 2022 да се пресели во Манчестер Сити, каде игра во моментов.