Еден Африканец замина, друг доаѓа – Тиквеш пред потпис со „фараонот“ Eл Азари!

Раководството на кавадаречки Тиквеш ова лето ќе има многу работа да состави конкурентен состав, откако од клубот си заминаа 11 ракометари.

Кавадарчани се пред договор со десниот бек од Египет, Мохамед Ел Азари, поранешен младински репрезентативец на „фараоните“ кој игра за Замалек Тој би требало да биде замена за Ани Обина, нигерискиот десен бек кој остави голема трага во дресот на Тиквеш, а сега замина во францускиот Бијер.

Тиквеш остана без Евгениј Темелкоски и Игор Арсиќ, кои заминаа во грчкиот ПАОК, Кристијан Анастасовски се пресели во Вардар, Даниел Андоновски во Младост, Славчо Шулески и Јован Даневски во Еурофарм Пелистер 2, а заминаа Игор Кривокапиќ, Дарио Кофилоски и Спасоје Гачевиќ, додека Борче Соколов ја заврши кариерата.

Тренерот Кристијан Грчевски останува да го води кавадаречкиот клуб. Во клубот би требало да останат Mики Лазов, Мартин Димовски, Димитар Коцев, Мартин Манасков, Никола Летиќ, Марјан Велков…a по паузата поради повреда се враќа и капитенот Страхиња Симиќ. Од Богданци во Кавадарци се враќа голманот Благој Панов, а допрва ќе бидат познати уште нови ракометари што ќе играат во Кавадарци.