Репрезентациите на Шпанија и Летонија го затворија првото коло од групата Ц. Шпанците имаа успешен старт откако триумфираа со 33:22, а отпорот на противникот беше скршен во вториот дел.
Фаворитот ја оправда улогата и стигна до очекуваната победа, но дебитантот имаше одлично прво полувреме и беше дораснат противник. Сепак, во вториот дел Летонија немаше сили да се спротивстави до крај на шпанскиот состав.
Летонија успеваше да се одржи во водство до 17. минута кога беше 7:6 во нивна корист. Потоа Шпанија го презема водството и го задржа до одморот и на пауза имаше предност 14:11.
Големиот фаворит поквалитетно го отвори вториот дел и почна да гради предност, уште еднаш се вратија Летонците и намалија на минус два, 16:18. Следуваше криза во нападот со многу грешки што искусните Шпанци го искористија за серија од 7:0 со што го решија натпреварот. Поголемиот дел го одигра без Македа кој поцрвене уште во првото полувреме, а потоа уште на стартот на второто и Морос доби исто така црвен картон. Двата картони беа поради удар во пределот на главата на противнички играч.
Најефикасен во составот на Шпанија беше Перез Фернандез со пет гола, а по четири постигнаа Соле и Абељо. Во екипата на Летонија очекувано играчот на Вардар, Даинис Кристопанс беше најдобар со седум гола, додека Јурџс постигна пет.