Селекторот на младинската машка репрезентација на Хрватска, Борис Дворшек, по првпат јавно се огласи по скандалот што се случи по поразот од Австрија и разочарувачкото 12 место на Светското првенство.
Во изјава за „Спортске Новости“, тој призна вина и се извини на јавноста, родителите и особено на играчите. За потсетување, во јавноста излезе аудио-снимка од негов излив на емоции во соблекувалната, што ја снимил и објавил член од тимот или стручниот штаб.
„Звучев вулгарно и несоодветно. Се извинувам – тоа не требаше да се случи. Но тоа беше момент кога човек ’пука’. Веднаш истата вечер во Полска им се извинив на играчите, имавме состанок кој заврши со аплауз и насмевки“, рече Дворшек.
Тој истакна дека снимката е направена без негово знаење и со намера да му се наруши угледот, но не бегаше од одговорност.
„Не ги навредував клубовите како Пореч или Вараждин – напротив, им се восхитувам за тоа што го прават во тешки услови. Моите зборови беа насочени кон поединци и нивниот пристап“ појасни Дворшек.
Дворшек се осврна и на критиките од страна на поранешниот селектор Лино Червар, кој остро го осуди неговиот испад.
„Жал ми е поради неговите коментари. Го почитувам неговиот успех, но не сметам дека тој е во позиција да ми држи морални лекции“, продолжи Дворшек.
Иако се појавија информации дека тој поднел оставка, сепак не го направил тоа, туку само во федерацијата го поднел извештајот за случајот и сега ја очекува нивната одлука.
„Не сум поднел оставка. ХРС започна дисциплинска постапка против мене. Поднесов своја изјава и сега чекам одлука – каква и да е, ќе ја прифатам“, заврши Дворшек.
Се огласија од Хрватскиот сојуз: Најостро го осудуваме изразувањето на Дворшек