Двете ракометарки на европскиот првак Ѓер, Атаду Сако и Бруна де Паула, беа изложени на расистички навреди од страна на навивачи за време на гостинскиот натпревар од унгарското првенство против Мошонмаѓаровар.
Сако првпат се соочи со ваква ситуација и во својата реакција беше искрена и остро осуди такво однесување.
„Мора да го осудиме ова. Првпат се соочувам со расизам и тоа беше навистина шокантно. На земјата сè уште има идиоти, имбецили, кои мислат дека се подобри од другите. Ме иритира мислата дека некој нè навредува поради бојата на кожата. Тие купуваат билети за да нè гледаат, а сепак веруваат дека сме помалку вредни од нив. Тоа е апсурд што тешко можам да го прифатам.“, вели Сако.
По натпреварот и европскиот шампион Ѓер објави официјално соопштение во кое целосно им даде поддршка на своите ракометарки.
„Мора да престанеме да криеме вакви работи. Треба да зборуваме отворено за тоа што се случува за да нема место за такво однесување ниту во ракометот, ниту во спортот воопшто. Тоа не се вредности кои сакаме да ги градиме и споделуваме. Ваквите постапки мора да бидат санкционирани,“ порача Сако.