Два од два за Текстилец – Атанасовски даде 12 гола, штипјани со цел плен од Ресен

Тимот на Текстилец по триумфот над Аеродром, прослави уште една победа во прволигашкото друштво.

Избраниците на Бобан Попов победија на гостински терен кај Преспа со 28-24, најмногу по заслуга на Јован Атанасовски кој постигна 12 гола.

Домашните на стартот имаа контрола на резултатот водеа во повеќе наврати со плус два, но до паузата штипјани го преземаа водството, 13-12.

Преспа израмни на стартот на вториот дел на 13-13, но потоа влезе во „црна дупка“, Текстилец даде пет гола по ред за 18-13 и до крајот успеа да ја задржи разликата, иако домашните намалија во еден момент на минус два.

Покрај Атанасовски, кај Текстилец шест гола даде Филип Џинес, додека кај Преспа се истакна Мартин Табаковски со пет погодоци.