Талант Душебаев и официјално беше промовиран како нов селектор на француската репрезентација. Искусниот стратег зборуваше за гордоста што ја чувствува поради назначувањето, но и за големата разлика во квалитетот во споредба со репрезентациите што ги водел претходно.
Душебаев е само вториот странец кој седнал на клупата на „триколорите“, по Бернард Кемпa кој ја водеше Франција во 1958 година. До промената дојде откако Гијом Жил, по неуспешните настапи на Олимписките игри во 2024 година и Европското првенство во 2026 година, објави дека нема да го одработи мандатот до крај и се повлече од функцијата.
Француската федерација реши довербата да му ја даде на актуелниот тренер на полскиот Келце, а Душебаев призна дека повикот го изненадил.
„Беше шок кога претседателот ме повика. Не можев да поверувам. Знаејќи што претставува француската репрезентација во светскиот ракомет, никогаш не сум помислил дека еден ден ќе бидам повикан. Самото тоа што сум тука е огромна чест“, изјави Душебаев.
Пред новиот селектор стои голем предизвик, да ја врати Франција на победнички пат пред Светското првенство во 2027 година во Германија.
„Ги прифаќам целите што ми се поставени. Победувањето е единствената опција. На крајот само една репрезентација ќе биде светски шампион и јас сакам тоа да бидеме ние“, истакна Душебаев.
Искусниот стратег веќе има искуство како селектор, откако ја водеше репрезентацијата на Унгарија од 2014 до 2016 година, а потоа и Полска. Сепак, според него, француската селекција е на сосема поинакво ниво.
„Тоа беше одлично искуство, но разликата е огромна. Со сета почит кон репрезентациите што ги водев, ова е како да преминете од ‘Фиат Уно’ во Формула 1“, додаде Душебаев.
Прв предизвик за Душебаев со Франција ќе биде бараж двомечот против Чешка за пласман на СП 2027.

























