Душебаев: Ова беше најтешката година во мојата кариера!

Екипата на Келце во 2024 година не освои ниту еден трофеј, откако најпрво ја загуби домашната титула која континуирано ја освојуваше од 2011 година.

Потоа следуваше неуспехот во Лигата на шампионите, односно елиминацијата од Магдебург во четвртфиналето во европската елита. Тоа беше ново разочарување за полскиот гигант.

На 8 септември оваа година, составот на Келце го загуби и Супер Купот од Висла Плоцк, а од истиот ривал доживеа пораз во полскиот шампионат, па така избраниците на Душебаев имаат година за заборав.

,,Ова беше најтешката година во мојот спортски живот. Кога сѐ е зад нас, можам да кажам дека сега треба да ги оладиме главите и да извлечеме многу заклучоци. Имавме многу повреди, момците не се предадоа…Но, оваа сезона сѐ уште не е завршена”, изјави тренерот на Келце, Талант Душебаев.

Полскиот вицепрвак во есенскиот дел од Лигата на шампионите на десет одиграни натпревари оствари само четири победи и ќе мора на преостанатите натпревари да го даде максимумот.