Талант Дујшебаев е именуван за нов селектор на машката ракометна репрезентација на Франција, откако само неколку минути претходно беше објавено заминувањето на Гијом Жил. Со ова, за првпат по 1958 година, француската селекција ќе ја води странски тренер. Дујшебаев ќе ја преземе функцијата на 16 март, на почетокот на репрезентативната недела, кога Франција ќе одигра две пријателски средби со Шпанија – во Ле Ман и во Сиудад Реал.
На прес-конференцијата, Жил објаснил дека заминувањето е негова лична одлука, донесена по долго размислување.
Дујшебаев, кој моментално е тренер на Кјелце и има договор до 2028 година. Тој станува прв странски тренер на клупата на Французите по Германецот Бернхард Кемпа во 1958 година.
Зад него стои богата кариера и како тренер и како играч. Од 2014 година е на клупата на Кјелце, а претходно работел и со репрезентациите на Унгарија и Полска. На клупско ниво се истакна со Сиудад Реал и Атлетико Мадрид, со кои освои две титули во Лигата на шампионите и четири шампионски титули во Шпанија. Воедно, важи и за еден од најдобрите ракометари во историјата.
Како играч, средниот бек со потекло од денешен Киргистан настапувал во Германија, Шпанија и СССР.
Претседателот на Француската ракометна федерација, Филип Бана, ја образложил одлуката со тоа што федерацијата барала тренер кој е во директен контакт со теренот, има искуство со репрезентации и добро го познава патот до големите натпреварувања. Тој посочил дека Дујшебаев бил прв избор во процесот.
Со доаѓањето на Дујшебаев се очекуваат нов план, нови методи на работа и нови луѓе во системот. Првата голема цел ќе биде подготовката за квалификациите за Светското првенство 2027, каде Франција во мај треба да игра двомеч против Чешка.

























