Екипите на Бутел Скопје и Охрид, кои претендираат за едно од местата кои што водат во Европа, одиграа неизвесен дуел во рамки од првото коло од плеј-оф фазата, а на победа се радуваа ракометарите на Стевче Алушовски, откако со многу среќа триумфираа со 30:29.
Ракометарот на Бутел, Филип Николов на десетина секунди пред крајот не успеа од пенал да го совлада голманот на Охрид, Бобан Ристевски, па така гостите се израдуваа на многу важни бодови.
Првиот дел мина со многу пресврти на теренот, двете екипи имаа добри моменти, но и осилации во играта, и според очекуваното, првите 30 минути поминаа во многу надигрувања и голема борба за секоја топка.
Охрид со погодоците на Цирар и Шешиќ го отвори натпреварот, поведе со 2:0, но на домаќините малку им требаше да влезат во серија и со пет погодоци во низа ја презедоа контролата на резултатот, во 10 минута имаа предност од плус три, 5:2. Охрид речиси осум минути беше без реализација, а кризата во составот на Алушовски ја прекина Рудолф, кој намали на 5:3.
Бутел уште во еден момент имаше три гола позитива, 7:4, потоа следуваше камбек на Охрид, кој најпрво израмни на 7:7, беше и 8:8 пред Охрид во 20 минута да ја врати максималната предност од воведниот дел победувајќи со 10:8. Во финишот од првиот дел се разигра членот на Охрид Орјоникидзе, постигна четири погодоци, кои не беа доволни за гостинот да ја сочува предноста.
Составот на Кузманоски успеа повторно да го сврти резултатот во своја корист, искористи дел од грешките на ривалот, израмни на 13:13 и со голот на Николов замина на пауза со минимална предност од 14:13.
Резултатот од полувремето беше најава за возбудлив втор дел, во кој само нијанси решаваа кој ќе ја добие битката. Се играше гол за гол, двете екипи наизменично се менуваа во водство и во 45 минута резултатот беше 21:21, а пет минути подоцна, односно во 50 минута, 24:24. Домаќинот преку Николов и Ѓеоргиевски бргу дојде до 26:24 и капителот од два гола значеа многу за бутелци.
Иако Бутел во последните пет минути влезе со предност од 27:25, гостите со мини серија дојдоа до 27:27 најавуваќи интересна завршница. При нерешени 29:29, искусниот Шешиќ погоди за водство на Охрид од 30:29, додека во самиот финиш Николов не успеа да реализира од пенал за поделба на бодовите.
Најефикасни во победничката екипа беа Гоце Ојлески со седум и Теимураз Орјоникидзе со шест погодоци. Кај поразениот табор се истакна Филип Николов со осум погодоци.