Драмата меѓу Вардар и Куманово заврши без победник

Ако се суди според првиот натпревар од плеј-офот, тогаш не очекува интересна битка за титулата во Женската лига. Драматичниот натпревар меѓу Вардар и Куманово заврши нешерено, 25-25 и двете екипи си поделија по еден бод.

Кумановки тргнаа одлично со водство од 6-1, но како одминуваше времето така домашните се враќаа во игра и направија комплетен пресврт, 13-11. На пауза избраничките на Анжела Платон водеа со еден погодок, 14-13.

Се играше гол за гол во најголем дел од второто полувреме, до 19-19. Потоа вардарки ја преземаа контролата и водеа со еден или два гола разлика, а свои моменти има и голманките на двата тима, Илиќ и Јовановска.

Во продолжение Вардар остана без десниот бек Јасмина Попова, која доби црвен картон по еден старт на шест минути до крајот. По 24-22 за Вардар, најдобриот стрелец кај Куманово, Нена Нестороска успеа со двата гола да израмни.

Имаше да се играат уште две минути, за водство на домаќинките се погрижи Дона Тодоровска по успешно реализираниот пенал, но упорните гостинките преку Нестороска се изборија за ново реми.

Вардар го имаше последниот напад, но немаа домаќинките решение за гостинската одбрана и мечот заврши реми, па двете страни мораа да се задоволат со по еден бод во премиерниот двобој од плеј-офот.

Најдобар стрелец кај Вардар беше Дона Тодоровска со девет гола, додека кај Куманово, лидер беше Нена Нестороска со 11 погодоци. Во второто коло, Вардар ќе игра на гости кај Металург Автокоманда, додека Куманово одново ќе гостува, овојпат кај Чаир.