Дуелот на двете последно пласирани екипи на табелата во групата А, Скопје и Куманово, заврши без победник, 25:25. Иако Скопје во најголемиот дел од последните десет минути имаше плус два, во еден момент и три гола разлика (24:21), сепак, гостите од Куманово со одличниот Даневски се изборија за бод.
Според очекувањата, првото полувреме мина во израмнета борба, двете екипи имаа свои моменти, но ниту една од нив не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола. Скопје беше екипата која прва се одлепи на два гола разлика (7:5, 8:6), но не успеа до крајот на првото полувреме да ја сочува стекнатата предност.
Куманово заигра поангажирано во финишот од првиот дел, во кој немаше никаква поголема промена, па така откако беше 11:11, гостите со два гола во низа, кои беа дело на Миладиновски и Симоновски, заминаа на пауза со активен резултат од 13:11.
Домаќините во вториот дел за момент успеаја да се вратат, израмнија на 14:14, но потоа влегоа во „црна дупка“, речиси осум минути беа без реализација. Гостинскиот состав со серија од 3:0 дојде до највисоката предност во 40 минута, поведе со 17:14.
Избраниците на Димитироски даваа се од себе за да дојдат до камбек, тоа го направија на десетина минути пред крајот кога Шокоски донесе пресврт, најпрво изрмани на 20:20, потоа зголеми на 21:20 во 51 минута. Киселовски минута подоцна реализираше за 22:20 и во тој момент домаќините влегоа во свој ритам, до последната минута беа во предност и кога најмногу требаше попуштија.
Куманово на минута пред крајот имаше шанса да дојде до нерешено и да се бори за победа, но Даневски не успеа да погоди од пенал. Сепак, десното крило во последните секунди постигна гол од тешка позиција и на својот тим му го донесе првиот бод во натпреварувачката сезона 2023/24.
Најефикасен во домашната екипа беше левиот бек Давор Шокоски со осум погодоци. Во составот на Куманово одлична партија имаше Јован Даневски, реализираше девет пати во мрежата на домаќините.