Драма во Подгорица: Ристовска и Рапид со гол во последната секунда до осминафинале во ЛШ!

Тимот на Рапид Букурешт е последниот што обезбеди место во осминафиналето на Лигата на шампионите, откако успеа да одигра реми на гостувањето во Подгорица кај Будуќност, 21-21.

Екипата каде што игра македонската репрезентативка Сара Ристовска, која играше само на стартот и потоа не влегуваше во игра поради ситна повреда, успеа од негатива од три гола на три минути до крајот да стигне до реми со голот од пенал на Грозав во последната секунда и да обезбеди место во ТОП 12.

Во првиот дел домаќинките имаа контрола над резултатот и поведоа со три гола, но потоа следуваше мала криза и Рапид се врати во егал, 9-9. Атингре беше одлична на голот, гостинките правеа многу грешки во нападот и Будуќност пак ја презема предноста. Круна на добрата игра на црногорскиот првак беше погодокот од далечина во последната секунда на Радивојевиќ, со кој Будуќност замина со плус три на пауза, 12-9.

Слично беше и на стартот на вториот дел, имаше многу грешки на двете страни но голманката Сандру не дозволуваше домаќинките да направат повисока предност, па таа се движеше меѓу еден и три гола.

Будуќност не постигна погодок десетина минути, Сандру бранеше во серија и Рапид израмни на 15-15 во 50. минута. Но пак се повтори приказната од претходно, романскиот тим правеше технички грешки, беа казнети за тоа и кога остануваа уште 180 секунди до крај, Будуќност беше на плус три, 21-18.

Но гостинките одиграа пресинг, Будуќност не се снајде најдобро, три пати погреши, а казните стигнуваа и Јанушевиќ изнуди пенал во последната секунда што го реализира Грозав за голем бод, 21-21 и пласман на Рапид Букурешт во осминафиналето каде ќе игра со градскиот ривал ЧСМ Букурешт.

Најзаслужна за ремито беше голманката Сандру која запиша 18 одбрани, Полман имаше шест погодоци, додека кај Будуќност премалку беа седумте гола на Вукчевиќ. По комплетирањето на сите натпревари познати се сите двојки за осминафинале и за четвртфиналето на елитната конкуренција.

Лига на шампиони, 14 коло, резултати:

група А
Мец – Сторхамар 24-20
Глорија Бистрица – ЧСМ Букурешт 32-23
Крим – Подравка 30-29
Никобинг – Ференцварош 27-34

група Б
Лудвигсбург – Оденсе 24-40
Есбјерг – Ѓер 23-29
Будуќност – Рапид Букурешт 21-21
Брест Бретањ слоб.

осминафинале:
Подравка – Брест Бретањ
Сторхамар – Оденсе
Лудвигсбург – Крим
Рапид Букурешт – ЧСМ Букурешт

четвртфинале:
Подравка/Брест Бретањ – Мец
Сторхамар/Оденсе – Ференцварош
Лудвигсбург/Крим – Ѓер
Рапид Букурешт/ЧСМ Букурешт – Есбјерг

Во Лигата на Европа по комплетирањето на последното коло од групната фаза, познати се сите четвртфиналисти.

Германија има три трима во ТОП 8, потоа има два претставника од Романија и по еден од Данска, Франција и Шпанија.

Лига на Европа, 6 коло:

група А
Турингер – Елче 27-26
Дунареа Браила – Ларвик 33-33

група Б
Борусија Дортмунд – Сола 29-28
Икаст – Валчеа 36-34

група Ц
Бломберг – Мошонмаѓаровар 33-28
Заглебје – Дижон 24-32

група Д
Фредрикштад – Париз 28-29
Бера Бера – Бенсхајм 29-31

четвртфинале:
Tурингер – Валчеа
Икаст – Дунареа Браила
Бера Бера – Бломберг
Дижон – Бенсхајм