Драма во Кавадарци, Тиквеш со пресврт до златни бодови против Еурофарм Пелистер 2!

Ракометарите на Тиквеш запишаа златна победа во 17 коло од Супер машката лига, откако славеа против Еурофарм Пелистер 2 со 27-26, иако на десетина минути до крајот беа во негатива од четири погодоци, 22-18. Сепак кавадарчани собраа сили и направија голем пресврт за важни бодови во битката за плеј-офот.

Сега Тиквеш има 18 бодови и се израмни на петтото место со Бутел Скопје, Прилеп е седми со 16 бодови, додека битолчани имаат 15 на осмата позиција. Најдобар стрелец кај кавадарчани беше Петар Цветковски со осум голови, сите од пенал, додека голманот Василије Печурица имаше десет одбрани. Во битолскиот состав се истакнаа Христијан Митревски со осум и Мухамед Азиз со седум гола.

Во првиот дел битолчани имаа контрола на резултатот, иако водеа со еден или два гола разлика најмногу, а домаќините беа тие што бркаа негатива. Јовановски беше солиден на голот и не дозволуваше Тиквеш да се разигра и да направи пресврт.

Бековското дуо Митревски и Азиз доминираше во нападот на битолчани, а беа помогнати и од пивотот Маркоски, па во последните секунди од првиот дел гостите стигнаа до највисоки плус три, 15-12.

На стартот на второто полувреме Тиквеш остана без Мијушковиќ, кој доби црвен картон поради третото исклучување, па мораше Стојановски да игра во напад. Гостите ги користеа грешките на домашните во нападот и на 12 минути до крајот имаа плус четири, 22-18.

Но тогаш тргна домашниот камбек. Димовски се разигра, Цветковски беше сигурен пеналџија, а Печурица фати две топки и Тиквеш намали на 22-21, а потоа кога остануваа уште четири минути и поведе за првпат во мечот со 26-25.

Беше и 27-26 за домашните, Митревски промаши и Тиквеш тргнаа во напад во кој можеше да го реши победникот. Сепак не погодија домаќините и тренерот на гостите, Александар Зарков повика тајм-аут на триесетина секунди до крајот. Не беше организирана добра акција и славјето на Тиквеш можеше да почне.

Кавадарчани во следното коло, последно за оваа 2025 година ќе гостуваат кај шампионот Еурофарм Пелистер, додека Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен ќе го пречека Пролет.