Драма и пенал-рулет во Келце: Галевски го фати последниот удар, Македонија го совлада Бразил

Машката младинска репрезентација на Македонија славеше по пеналите над Бразил со 38-37 и ќе игра за 25 место на Мундијалот во Полска. Иако имаше негатива од четири гола во последните десетина минути, Македонија успеа да направи голем камбек и потсети на репрезентацијата што беше деветта во Европа и во светот минатите две години. Галевски го одбрани последниот удар од седум метри, но Брестовац имаше одличен придонес со 11 одбрани, додека во нападот се истакнаа Калајџиески со девет, Узунчев со осум и Белистојаноски со шест погодоци.

На стартот Бразил поведе со 3-1, но одличниот Брестовац на голот, кој одбрани и пенал беше доволен за комплетен пресврт, 5-4 за Македонија. Потоа се играше гол за гол, пред по серијата наши грешки Бразил да замине на плус три, 12-9.

Таа негатива беше анулирана многу брзо и Македонија по дваесетина минути се врати во егал, 12-12. Брестовац продолжи да брани одлично, а Белистојаноски и Калајџиески ги казнуваа сите грешки на противникот за 19-16.

Противникот остана без Борха, кој доби црвен картон по остриот старт над Калајџиески, а до паузата избраниците на Раде Стојановиќ ја задржаа предноста од три погодоци, 21-18.

Лошо го почнавме второто полувреме и јужноамериканскиот противник направи серија од 6-1 за 24-22. Серијата без погодок ја прекина Димевски, но потоа две одбрани на голманот Кандидо и Бразил отиде на плус три, 26-23.

Имаше противникот и четири гола позитива, на десетина минути до крајот намаливме на минус два, 30-28, имавме и напад за гол негатива, но не беше искористен, а Лукас Габриел Да Силва ни создаваше многу проблеми и минуваше со исти финти.

Во последните пет минути се влезе со резултат 33-31 за Бразил, а Узунчев не погоди во контранапад, но по грешката на ривалот, Калајџиески намали на две минути до крајот на минус еден, 33-32.

Беше изнудено исклучување за Да Силва и пенал кој го реализира Узунчев за реми и мечот тргна од нула на стартот на последната минута. Ривалите погодија, ние промашивме зицер и имаше тајм-аут за Бразил на четириесетина секунди до крај.

Направија престап, па Македонија тргна во напад за реми. Стојановиќ побара тајм-аут, беше организирана акција за Узунчев кој израмни на 34-34 и мечот мораше да се решава со удари од седум метри.

Во пенал-серијата погодуваа Узунчев, Белистојаноски, Субашевски, а Галевски одбрани во третиот обид. Потоа стрелаше и Калајџиески, но и противникот даде гол. Димковски промаши во петтата серија, но Галевски му фати пенал на Соуза и мечот заврши со триумф на Македонија со 38-37.

Сега следува дуел со победникот од двобојот меѓу САД и Бахреин, утре во 18:30 часот во салата „Легионов“ во Келце.