Тимот на Драчево се зацврсти на второто место во групата А од прволигашката конкуренција по триумфот над Преспа Вардар со 36-23.
Драчевци сега имаат 30 бода на второто место, зад лидерот Младост кој има 34 бода, па ако тимот од Богданци киксне против Јехона, а Драчево го победи Астраион во следното коло, тогаш битката за првото место ќе биде во Богданци во последното коло.
Првиот тим во регуларниот дел пренесува три бода во плеј-оф, вториот пренесува два бода, третиот еден и четвртиот ниту еден, па Драчево засега има сигурни два бода во разигрувањето за Супер лига.
Гостите парираа во првите десетина минути до 6-5, потоа избраниците на Велимир Настески влегоа во серија, ги казнуваа сите грешки на Преспа Вардар и се одлепија на плус седум, 13-6. До паузата домашните ја задржаа предноста, 18-11.
Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата, а предноста на Драчево само растеше до конечните плус 13.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Филип Дабески со девет, како и Лазар Стојанов и Димитар Петковски со по осум погодоци, додека кај Преспа Вардар, Александар Филиповски седум пати ја затресе мрежата на Драчево.
Во следното коло Драчево ќе игра на домашен терен со Астраион, додека Преспа Вардар, оди на гости кај Текстилец.