Драчево славеше против струмички Астраион со убедливи 37-25 во натпреварот од 13 коло од прволигашката конкуренција.
Сега Драчево има 33 бода на второто место, а Младост Богданци е прв со 34 бода, но има и натпревар помалку.
Избраниците на Велимир Настески уште по првиот дел го решија прашањето за победникот, кога беше 21-10.
Вториот дел беше само формалност и рутинско одработување на задачата без поголеми проблеми.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Петковски со 11, како и Дабески и Дука со по седум, додека кај Астраион се истакна Наков со девет и Мастев со осум гола.
Во последното коло Драчево игра на гости кај Младост во Богданци, па ако богданчани загубат кај Јехона денеска, тој двобој следниот викенд ќе биде решавачки за првото место.