Во натпревар од 6. коло на Првата женска лига, ракометарките на Ѓорче Петров 2 го остварија еден од најубедливите триумфи во клупската историја, но и во македонскиот ракомет совладувајќи го тимот на Шампион со неверојатни 56:5 (27:2) во салата „Христо Батанџиев“ во Скопје.
Вториот тим на Ѓорче Петров сега е на делба на првото место, заедно со Атлетик и Овче Поле, но скопскиот клуб Атлетик има меч помалку.
Од самиот почеток беше јасно дека тимот од Ѓорче се на сосема поинакво ниво. Со жесток притисок и брза игра, уште по првите десет минути поведоа со 11-1, а до крајот на првото полувреме создадоа огромна предност од 27-2. Двата гола за домаќинките ги дадоа Катја Маркоска и Калина Калиновска.
Колку „рамноправен“ беше мечот покажува фактот дека гостинките немаа ниту едно исклучување, ниту жолт катон, а Шампион само еднаш имаше исклучена ракометарка и само еднаш нивниот тренер побара тајмаут.
Во вториот дел, избраничките на Милева Велкова и Александар Царчев не го намалија темпото – нападот функционираше беспрекорно, а речиси секоја ракометарка се запиша во листата на стрелци. Најефикасна беше Мирјана Наумоска со 10 погодоци, следена од Марија Димоска со 8, Антонела Ѓероска со 7 и Елеонора Дукоска со 6 голови.
Оваа убедлива победа е потврда за доминантната форма на тимот од Ѓорче Петров, кој со вакви партии ја најавува својата сериозна кандидатура за врвот на табелата.