Српскиот интернационалец Лазар Адамовиќ по краток временски период ја напушти екипата на Струга, но ќе остане да настапува во македонската Супер лига, откако пред крајот на преодниот рок има нов клуб.
Искусниот Адамовиќ ги засили редовите на еден од конкурентите на Струга за опстанок – Радовиш. 29-годишниот ракометар минатиот викенд настапи во дресот на Струга токму против Радовиш и во листата на стрелците се запиша трипати.
Адамовиќ во минатата сезона настапуваше за Вардар Неготино, од каде што се пресели на Кипар, но таму остана само во првиот дел од сезоната.
Во Македонија го носеше дресот и на Охрид во сезоната 2017/18, а настапуваше и во Грција, Шпанија, Италија, Кувајт..
Повратникот во суперлигашктоо друштво со доаѓањето на Адамовиќ ќе има повеќе опции, бидејќи претходно се засили со Томче Трајчевски, Стефан Кочаров, Петар Цветковски, Славјан Паунов, Ивица Илиев и Бразилецот Александер Антонио Сантош.