На крајот на август во Македонија ќе се одржи регионален ракометн етурнир на кој ќе учествуваат најдобрите екипи од неколку соседни земји. Договорот беше постигнат при посетата на Борко Ристовски, министерот за спорт на Македонија на Црна Гора.
Се уште не се познати деталите, но засега сигурно е дека на тој турнир ќе играат најдобрите една или две екип од секоја земја: Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ… Дополнтелно ќе се знае и местото на одигрување на турнирот, но повеќе од веројатно е дека на тој турнир ќе играат Еурофарм Пелистер, Вардар, Партизан, Војводина, Ловќен и веројатно Извиѓач.
Истото би требало да биде и со женските екипи, односно најдобрите од овие земји да одиграат турнир кој би требало да биде претходница на Регионална лига.
–Од оваа соработка ќе имаме многу придобивки.Тука не е само оној спортскиот дел, овој договор испраќа и многу други пораки, пораки кои значат дека ние иако сме различни држави, сепак сме израснати во тој дух на заедништво и треба да негуваме меѓусебна почит, нашите народи да бидат уште поблиски. Во склоп на оваа воспоставена соработка почнуваме и пилот проект со организирање на регионални турнири кој ќе стартува од Македонија. Без разлика што ова натпреварување нема да биде официјално туку регионално, сепак ќе испратиме силна порака дека ние како држави имаме капацитет да се обединиме и да направиме нешто повеќе. Пред сѐ тоа да биде промоција на нашите држави, промоција на спортот и порака дека сите ние во регионот треба да се држиме заедно и да си помагаме едни со други – истакна Борко Ристовски, при посетата на Црна Гора.
Црногорскиот министер за спорт и млади ја промовираше и идејата за воспоставување на регионални лиги во одбојка и ракомет во кои првично би настапувале екипи од Македонија, Црна Гора, Србија и во најава, Босна и Херцеговина, како и одржување на регионални турнири во овие спортови.
– Имавме можност да разговараме за организирање на регионален турнир кој би бил претходница на идната регионална лига. Кога е во прашање ракометот, во овој момент учеството го потврдија Македонија, Црна Гора и Србија, очекуваме да се приклучи и Босна и Херцеговина. Во одбојка веќе е извесно одржувањето на тој регионален турнир на кој ќе бидат овие четири екипи. Во Црна Гора ќе биде организиран турнирот во одбојка, а во Македонија турнирот во ракомет. На турнирот ќе учествуваат по една машка и по една женска екипа од секоја земја. И пред оваа средба ние имавме средби и со другите колеги министри и изразивме големо задоволство од овој проект. Сакаме да покажеме дека преку спортот може да направиме многу големи работи, како за унапредување на спортот, така и за поврзување на нашиот регион – истакна министерот Драгослав Шќекиќ.