Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја запишаа втората победа на ТВ турнирот на шампионите во Добој и славеа против унгарската Татабања со 32-29. Иако битолчани имаа негатива од три гола во второто полувреме, сепак направија комплетен пресврт во последните десетина минути и од минус три отидоа во плус пет. Сега со Загреб ќе решаваат за место во финалето, иако и Татабања имаа свои шанси ако се направи круг од три тима со по четири бода.
Првиот дел, кој почна со по неколку промашувања на двете страни, беше израмнет. Се играше гол за гол до 10-10, а по исклучувањето на Абутовиќ, Татабања се одлепи на плус три, 13-10.
Манасков и Ѓорговски набрзина го вратија Еурофарм Пелистер во игра и израмнија на 13-13. На паузата сепак унгарскиот тим замина со водство, 16-15, иако битолчани имаа шанса да израмнат во последниот напад.
Битолчани имаа егал, 18-18, но потоа следуваа неколку промашувања во нападот, одбрани на два пати и Секељ, па унгарскиот тим отиде на највисоките плус три, 22-19, откако реализираше Пржитула.
Секељ бранеше одлично, но неговите соиграчи не реализираа во нападот и пелистерци намалија на 22-20. Манасков играше фластер на опасниот Н’танзи, тоа вроди со плод, а Хосни и Кузманоски стрелаа за минус еден, 24-23.
Тунискиот десен бек израмни кога остануваа да се играат уште десетина минути. Одбраната на пелистерци беше одлична, Ивиќ одбрани два пати и следуваше комплетен пресврт на македонскиот првак и водство од плус три, 28-25.
Ивиќ влезе во серија, на спротивната страна реализираа Пешевски, Радивојевиќ од пенал, веќе беше 30-25 и немаше многу дилеми околу победникот на овој натпревар, иако Татабања успеа да намали од негативата. Најдобри стрелци во нашиот тим беа Радивојевиќ со седум и Хосни со шест гола, а пет даде Манасков.
Ако Еурофарм Пелистер слави против Загреб ќе биде прв и ќе обезбеди место во финалето, а дури и со минимален пораз може исто така да биде прв во случај Татабања да ја победи Црвена Ѕвезда и да има круг од три тима со ист број бодови, па гол-разликата да решава за распределбата на местата.