Екипата на Силкеборг успеа да се пласира во полуфиналето од Купот на Данска, откако во четвртфиналето славеше над Нордсјеланд со 37:36.
Регуларниот дел од натпреварот заврши без победник, 28:28, нерешено беше и по продолженијата од по пет минути, додека победникот беше одлучен на пенали.
Најголема заслуга за пласманот на Силкеборг на Ф4 турнирот од Купот на Данска имаше повратникот меѓу стативите Сорен Педерсен, кој во пенал серијата успеа да им одбрани удар на домаќините и да го чекира својот тим во полуфиналето.
Искусниот голман од ракометните терени се повлече во текот на 2021 година, но на почетокот на месец декември направи камбек.
Силкеборг остана без Јохан Сјостранд поради повреда и раководството на клубот одлучи како негова замена да го донесе токму Педерсен.
Искусниот голман работи како директор во фудбалскиот клуб Тистед, но во Силкеборг ќе брани само до крајот на месец декември, потоа повторно ќе може во целост да ја извршува директорската функција во споменатиот клуб.