ДИНГ Струга со два сребрени медали и најдобар стрелец на турнирот „MIKA 2026“

Ракометната школа ДИНГ од Струга имаше одличен настап на меѓународниот младински турнир „MIKA 2026“ во Босна и Херцеговина, каде што стигна до финале во две старосни категории и се враќа дома со два сребрени медали и една индивидуална награда. Турнирот „МИКА 2026“ важи за еден од најквалитетните младински ракометни настани во регионот, со учество на повеќе од 25 екипи од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија и Австрија

Во генерација 2012, ДИНГ Струга играше во финалето против Слога Прњавор и по голема борба загуби со 22-26, освојувајќи сребрен медал.

Во повозрасната конкуренција (категорија 2008), каде ДИНГ настапи со значително помлада екипа – играчи родени 2010 година – стружани исто така стигнаа до финале, во кое беа поразени од Борац Бања Лука со 10-24, но повторно се закитија со сребро.

Дополнителен сјај на настапот му даде и индивидуалната награда за Тино Бебекоски, кој во генерацијата 2012 беше прогласен за најдобар стрелец на турнирот.

Со две финалиња, два сребрени медали и еден најдобар стрелец, ДИНГ Струга уште еднаш покажа дека е сериозна школа за развој на млади ракометни таленти и дека струшкиот ракомет има светла иднина.