Динар смета на вардарецот Борозан за дуелите со Словачка и Финска

Новиот селектор на Црна Гора, Дидие Динар, го објави скратениот список на ракометари на кои ќе смета за квалификациите за ЕП 2026 година.

Меѓу повиканите 18 ракометари се најде и левиот бек на Вардар, Вуко Борозан, кој полека ја враќа старата форма.

Црна Гора на првиот меч ќе и биде домаќин на Финска, додека на втората средба гостува во Словачка, а во групата е и фаворитот Унгарија.

На списокот на Динар, поради повреда не е десниот бек Стефан Чавор, а исто така и пикерот Небојша Симовиќ.

Нема дебитанти и нови имиња, бидејќи меѓу повиканите се ракометари кои и во минатото го носеа дресот на Црна Гора.

Динар нема да смета ниту на средниот бек Милош Божовиќ поради приватни причини, а Вук Лазовиќ ќе настапи само на првиот меч со Финска.