Ракометарите на Овче Поле впишаа значајна победа на гостувањето во Скопје, совладувајќи го Шампион со 34-32 во натпревар од 9. коло од Првата лига.
За тимот од Свети Николе ова беше четврти сезонски триумф, со кој сега имаат осум бода на табелата, додека Шампион и понатаму останува без освоен бод во текот на сезоната.
Дуелот беше неизвесен до самиот крај. Домаќините имаа напад за израмнување во последната минута, но направија грешка, по што Филип Сентовски го потврди триумфот на гостите во последните десет секунди.
Шампион беше повеќе од рамноправен противник во поголемиот дел од мечот, водеше и со четири гола во првото полувреме, но во завршницата ракометарите на Овче Поле успеаја да го скршат отпорот и да ја задржат предноста до крајот.
Најефикасни кај победниците беа Илија Димов со 12 погодоци и Кристијан Стаменков со осум, додека Кирил Буровски додаде шест гола. Кај Шампион, најрасположени беа Давид Јовчевски со 12 и Филип Спирковски со осум постигнати погодоци.

























