Средниот бек Велимир Грујовски е нов играч на тимот на Куманово, откако не завршија успешно преговорите со Радовиш, за кој настапи и на еден од пријателските натпревари.
Грујовски минатата сезона беше член на Вардар Неготино, но паузираше поголем дел од натпреварите поради повреда. Претходно настапуваше за тимот на Скопје, а беше дел и од младинските категории на тимот на Вардар.
Кумановци полека го формираат играчкиот ростер за претстојната сезона. Нови договори потпишаа крилата Иван Димитров и Давид Цветковски, како и бекот Влатко Тасевски. Сите тројца се обврзаа да ги бранат боите на Куманово најмалку до 2026 година.
Претходно раководството на Куманово се раздели со четворицата странци – Огњен Радојичиќ, Алекса Радичевиќ, Милош Благојевиќ и Михајло Стевовиќ. Од Куманово замина и кружниот напаѓач Стефан Атанасовски, како и најдобриот стрелец Наум Костов.
Куманово ги договори десниот Иван Митревски од Радовиш, левиот бек Христијан Крстаноски, младиот пивот Цековски, младинскиот репрезентативец Давид Димевски, како и десното крило Дамјан Јакимовски.
За Куманово потпиша и ракометарот од Бразил, Каио Винициус Де Соуза Мораис, а соработката со клубот ја продолжија голманите Христијан Михајловски и Данијел Димитријевски, кружниот напаѓач Дарио Симоноски и искусниот Грузиец, Уча Гамзардија.