Дибиров: На „раце“ имав договор со ПСЖ, но верував во Самсоненко и „проектот Вардар“

Вардаровата легенда Тимур Дибиров ја игра својата последна сезона во кариерата во која беше дел од три клуба – Чеховски Медведи, Вардар и Загреб.

Левото крило откри интересен факт дека пред доаѓањето во Скопје, имал понуда од францускиот ПСЖ, за кој тогаш играа Микел Хансен и Никола Карабатиќ.

„По Чехов, на раце имав договор со ПСЖ каде што играа Хансен и Карабатиќ. Најбогат клуб, во кој секој би сакал да заигра. И се беше решено, но пред да стане официјално, ми се јави еден човек и се договоривме за средба. Тоа беше рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко – претседателот на македонскиот Вардар. Ми рече – „Знам дека имаш понуда од ПСЖ, но јас сакам да направам таков проект, каков досега немало. Не само клуб што ќе има пари. Сакам да има огромна армија навивачи, а ракометот да стане спорт број еден во државата“. Тој ми ги кажа играчите што ќе дојдат во Вардар. На пример, голманот од Барселона, Арпад Штербик, го купија за еден милион евра – тоа се големи пари за ракометот. Ми кажа каква база ќе има клубот, нова сала, детален план на година однапред и јас му поверував. Потпишав договор, кој беше само за 10% повисок од оној во Чехов и заминав во Македонија. Менаџерите и тренерите ме прашуваа: „Се откажа од ПСЖ поради Вардар?“. Но јас верував и ние освоивме две титули во Лигата на шампионите. Во Скопје не пречекаа 150 000 луѓе, екипата беше на прием кај претседателот на државата, а тој однос со навивачите никогаш нема да го заборавам“, истакна Дибиров во интервјуто за рускиот „Спортс“.

Тој играше девет сезони во Вардар со кој два пати се искачи на европскиот врв, а освои по седум титули во македонскиот шампионат и во Купот, три трофеи во Супер Купот на Македонија, како и четири во регионалната СЕХА лига.