Џонов: Можам да ветам борба на секој меч – ќе бидеме најдобрата верзија од себе

Македонската машка репрезентација денеска има слободен ден пред заминувањето за Швајцарија, каде ќе одигра три контролни натпревари.

Оттаму директно се патува за Данска, па ракометарите ќе имаат можност да се аклиматизираат пред стартот на ЕП.

Левото крило Иван Џонов го најави настапот на ЕП и вели дека атмосферата е одлична во националниот тим.

„Атмосферата е супер, добро се подготвуваме. Првиот дел од подготовките мина добро, а сега влегуваме во подетална анализа на противниците. Со тек на времето ќе бидеме се поподготвени за предизвиците кои не очекуваат на ЕП. Турнирот во Швајцарија е најважен за нас во овие подготовки. Се она што го трениравме треба да го вметнеме во нашата игра. Ќе ни биде реална слика до каде сме и колку ќе функционира, дали и каде ќе грешиме. И по тој турнир имаме неколку денови на кои можеме да се поправиме ако биде потребно. Според мене тоа е најважниот турнир. Нормално е дека сите сакаме да поминеме во втората фаза. Противниците се екстра квалитетни. Не треба да трошиме зборови за Данска, а и Португалија е многу квалитетна и во последните години завршува меѓу најдобрите на турнирите. Романија е исто така селекција која што не смее да се потцени. Можам да ветам дека ние ќе се бориме на секој натпревар, да бидеме најдобрата верзија од себеси за да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло“, изјави Џонов.

Македонија покрај трите дуели од 8 до 10 јануари во Винтертур против Бахреин, Украина и Швајцарија, ќе тестира и против данскиот прволигаш Митјиланд на 13 јануари, а ЕП го отвора со натпревар против Данска на 16 јануари.