Македонската репрезентативка Ивана Џатевска останува во Унгарија и во следната сезона, но ќе има нов клуб.
Македонката мина една и пол сезона во тимот на Кишварда, се покажа во одлично светло во унгарскиот шампионат и на своја адреса доби неколку примамливи понуди.
Екс ракометарката на Вардар и Чаир одлучи да ја прифати понудата на Сомбатељ, кој во изминатата сезона ја освои шампионската титула во Првата лига.
Сомбатељ со освоениот трофеј си обезбеди учество, односно камбек во најсилното натпреварување во Унгарија, па така Џатевска повторно ќе игра против најдобрите тамошни клубови.
Кружниот напаѓач потекнува од школата на Вардар и во „црвено-црниот“ тим ги мина сите младински категории. Со Вардар и Чаир учествуваше и на европска сцена.